Премиерот Заев со претставници од граѓанската организација Евротинк – Центар за европски стратегии

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска оствари средба со претставниците на граѓанската организација Евротинк- Центар за европски стратегии, Љупчо Петковски и Андреја Стојковски, која веќе 15 години работи на промоција и остварување на членството на Македонија во ЕУ.

На средбата премиерот Заев ги запозна претставниците на Евротинк со чекорите на владата при спроведувањето на Планот 3-6-9 и ја нагласи целосната посветеност на оваа влада кон сите реформи неопходни за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ. Со сите сознанија за објективните пречки и наметнатиот проблем кој го има нашиот јужен сосед со нашето уставно име, премиерот Заев изрази мислење дека ние треба да пронајдеме внатрешна сила за промени и реформи за да имаме аргументи пред нашите соседи и партнери во ЕУ и НАТО за откочување на процесите.

Од Евротинк го запознаа премиерот Заев со истражувањата, анализите и можностите за соработка кои оваа организација ги нуди на владата во областа на европските интеграции и искористувањето на ЕУ фондовите.

Заеднички заклучок од средбата беше дека постојат многу можности за подобра соработка меѓу владата и граѓанското општество кои ќе го зголемат капацитетот на институциите за искористување на ЕУ фондовите, како и знаењата и податоците до кои доаѓаат граѓанските организации при нивните истражувања, а се крајно корисни за државата.

Владата останува отворена за сугестии, конкретни предлози и секојдневна соработка при остварување на врвниот приоритет – подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и целосна интеграција во ЕУ и НАТО.