Мултимедијален проект на „Охридско лето“

Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ денеска ќе биде претставен мултимедијалниот проект „ Човек е трепет, и ангелот трепт е, а ти Боже мој….“ од уметникот Драган Спасески ОХРИДСКИ.

Спасески (роден 1960 год., доктор-специјалист ортопедски хирург) соединил три големи теми во сликарството од која секоја има духовен карактер, своја историја и карактеристики, а понекогаш и проткајувања. Создавајќи прв во Македонија и меѓу малубројните во светот на сликарството што имаат одлики на религиско, еротско и фантастично, отворил нови изразувачки можности, длабоко свесен дека поголемиот број уметници во модерната и постмодерната имаат сосема недуховен, лишен од каков било повисок или спиритуален интерес.

Во прашање е сликарство кое се движи од реализам, кога е во прашање портретот, до асоцијативна симболика, кога станува збор за фигуративната симболика.

Спасески досега ги реализирал следните мултимедијални проекти: Апокалиптичен Нарцис (1989 год.), Сè трепери (1996 год.), Блиску до сонцето и љубовта мракот помалку боли (1999 год.), Вибрација креација совршена релација (2001 год.), Охридски ангели (2003 год.), Погледни во себе (2004 год.), Трите точки (2008 год.), Охридски бисери на мудроста (2010 год.), Битолска трилогија (2011 год.).

Скоро сите мултимедијални проекти се составени од изложби на ликовни дела и промоција на книги поезија со истоимениот наслов како и мултимедијалниот проект и архитектонски-ентериерни креации.

Новиот мултимедијален проект е насловен во форма на хиаку песна:

човек е трепет

и ангелот трепет е

а ти Боже мој…

Овој проект што ќе биде презентиран денеска во црквата „Света Софија“ со почеток во 22 часот претставува доживување на уметноста како дел од бесконечноста и вечноста продолжувајќи ја љубовта кон човечкото…ангелското и Божјото…