Наградата „Живко Чинго“ за расказот „Во рогот на волот“ под шифра „Чадор“

Комисијата за доделување на наградата „Живко Чинго“ за најдобар расказ, во состав проф д-р Димитар Пандев, проф. д-р Наташа Аврамоска и писателот Славе Ѓорго Димоски на состанокот одржан на 9.08.2017 година едногласно одлучи наградата „Живко Чинго“ што ја доделува Општина Охрид, да му припадне на авторот на расказот „Во рогот на волот“ испратен под шифра „Чадор“.

На годинешниот конкурс вкупно пристигнаа 58 раскази, во кои доминираат традиционални книжевни теми, актуелни социјални теми и исповедни искажувања. Во најтесен избор, покрај наградениот расказ влегоа и расказите „Црешата на Цар Самуил“ под шифра „Тајна историја“ и „Мрежата на Мамли или кој го обра бостанот“ под шифра „Ну погоди“.

Наградениот расказ „Во рогот на волот“ се издвојува со извонредната наративна изведба со која виртуозно поигрува со парадигмите на надреалистичното искуство, при што ја актуелизира почвата на Македонија како крстосница на луѓе, времиња и народи.