Почнува осмата по ред Школа за млади лидери на претседателот Иванов

Вкупно 40 учесници и 22 предавачи од Македонија, Европската унија, САД и Кина, ќе бидат дел од Школата за млади лидери, што по иницијатива на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, годинава по осми пат ќе се одржи во Охрид, од 21 до 31 август.

Целта на школата е да им се овозможи на младите, талентирани и иновативни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и лидерски способности, преку предавања и обуки од сферите на лидерството и менаџментот. И годинава школата е со меѓународен карактер, и на неа ќе учествуваат гости од регионот, но и пошироко.

Меѓу предавачите на годинашната Школа за млади лидери се поранешниот претседател на Албанија, г. Реџеп Меидани, главниот извршен директор на „ТАВ Аеродроми“, д-р Сани Шенер, поранешниот претседател на Бугарската академија на науките, д-р Стефан Воденичаров, деканот на колеџот Шварцман при Универзитетот Чингуа, д-р Давид Пан, амбасадорот, д-р Георг фон Хабсбург, професорот на Вартон Школата при Универзитетот во Пенсилванија, д-р Ѓорѓија Петкоски, како и еден од водечките експерти за бизнис менаџмент и лидерство, г. Дејвид Голдсмит.

Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Швајцарија, Норвешка, Австрија и други земји.

Годинашната Школа за млади лидери, исто како и минатогодишната, е поддржана од Фондацијата Алијанса на Цивилизациите.

Во изминатите седум години на школата учествуваа 280 млади луѓе и над 160 реномирани предавачи, меѓу кои Генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки-мун, поранешните претседатели на Чешка и на Латвија, г. Вацлав Клаус и г-ѓа Ваира Вике – Фреиберга, поранешните претседатели на Србија, на Бугарија и на Албанија, г. Борис Тадиќ, г. Георги Прванов, г. Петар Стојанов и г. Бамир Топи, поранешниот потпретседател на Европската комисија и поранешен министер за надворешни работи на Италија, г. Франко Фратини, претседателите на Светската и на Европската академија на науките и уметностите, г. Иво Шлаус и г. Феликс Унгер, како и голем број амбасадори, функционери од Европската унија, директори на меѓународни институти и успешни бизнис компании и професори од реномирани светски универзитети.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.