Започнаа теренските активности за решавање на проблемот со депонијата во Тетово, се решава и проблемот во Струга

Владата на Република Македонија спроведе постапка за решавање на проблемот со дивата депонија во општина Тетово. Со постапката за јавна набавка што заврши во петокот на 18 август, избрана е компанијата Голец Транс, која понуди најдобри услови согласно критериумите на огласот за јавна набавка за извршување услуги за дислоцирање на сметот од депонијата во Тетово.

Во соработка со Јавното комуналното претпријатие Тетово, овие активности, за дислокација на отпадот, започнуваат денеска, и отпадот од оваа депонија ќе биде складиран во депониите Дрисла или Русино.

Согласно одлуката од 17-тата седница на Владата на Република Македонија, завршена и постапката за решавање на проблемот со депонијата во Струга. Отпадот од општина Струга во натамошниот период ќе се транспортира во депонија што ќе ја договори општинското комунално претпријатие, а сегашната дива депонија ќе започне да се затрупува и ќе биде спроведено нејзино култивирање соодветно на неопходните еколошки стандарди.