Македонското друштво „Илинден“ – Тирана бара интернационалните изводи да бидат и на македонски

Македонско друштво „Илинден“ – Тирана и разгранокот за Голо Брдо, во име на Македонците што живеат во Албанија, побара од надлежната служба за водење матична евиденција, документите да бидат издавани на македонски јазик.

„До директорот на Генералната дирекција за матична евиденција, Бледар Дорацај, доставивме барање интернационалните изводи од матична книга на родените и венчаните, како и други документи, кои ги издава оваа служба, да бидат на македонски јазик. Тие сега се издаваат освен на албански и на грчки, италијански, англиски, германски.“ – изјави за Македонскиот весник „Илинден“, претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај.

Во барањето се посочува дека со донесувањето на ваква одлука на многу граѓани ќе им се помогне да не се изложуваат на дополнителни напори, како и трошоци за превод на документот од албански на македонски јазик.