662 лица конкурираа за мерката Млад земјоделец

Заврши рокот за аплицирање за финансиска поддршка од неповратни 10.000 евра на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност. Според податоците од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), за мерката конкурирале 662 лица. Во моментов се врши евалуација на пристигнатите апликации, со цел да се утврди подобноста на апликантите, односно дали ги исполнуваат пропишаните услови во огласот. До почетокот на октомври се очекува да заврши евалуацијата.

Потоа на апликантите кои ги исполниле условите, АФПЗРР ќе им издаде решение, по што следува склучување на договор за финансиска поддршка. Оние апликанти кои не исполниле пропишаните услови, ќе добијат решение дека се одбиени со образложение на причините.

Апликантите кои ќе бидат корисници на мерката, откако ќе го склучат договорот треба да започнат со извршување на инвестициите согласно нивниот деловен план. Потоа АФПЗРР ќе врши редовни контроли, колку реализираното на терен е во согласно со понудениот бизнис план од страна на апликантот.

По извршување на инвестицијата апликантот е должен до АФПЗРР да достави барање за исплата, по што се рефундираат финансиските средства кој апликантот ги потрошил за инвестицијата. Исплатата на неповратните 10.000 евра се очекува да биде завршена до крајот на 2017 година.

Евалуацијата, но и доделувањето на парични средства ќе се одвива отчетно, професионално и неселективно.
Оваа мерка постоеше и претходно, но со критериум „прв дојден прв услужен“. Со измените на Програмата за рурален развој што ги донесе Владата, се воведоа нови критериуми за подобност, со што парите ќе завршат кај вистинските земјоделци.

Со мерката им се излегува во пресрет на младите земјоделци кои имаат желба да се занимаваат со земјоделство. При тоа ќе се овоможи развој на руралните средини, вработување преку отворање на соствен бизнис на младите луѓе, внесување на нови и модерни технологии, што крајно ќе резултира со зголемено земјоделско производство.

Младите земјоделци ќе бидат во фокусот на креирањето на понатамошните политики на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку зголемување на финансиската поддршка за оваа категорија.
Ова е само една од низата мерки на Владата со кои се помага домашното стопанство и кои ќе придонесат за унапредување на земјоделството.