Потпишани договори за поддршка на граѓански здруженија од областа на социјална заштита

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и претставници на граѓанските организации, кои беа избрани на јавните конкурси за поддршка на проекти ги потпишаа договорите за финансиска поддршка. Средбата беше искористена и за размена на конструктивни предлози за спроведување на проектите, но и за начините за проширување на соработката на здруженијата со државните институции, за што министерката Царовска ја потенцираше својата искрена намера и подготвеност. Присутните се заблагодарија за отвореноста на Министерството и за ново воспоставените начини на комуникација и соработка на здруженијата со секторите во Министерството.

Потпишаните договори за поддршка на проекти се резултат од јавните конкурси кои беа објавени на веб страната на МТСП и на МРТВ на 18 и 21 јули 2017 година. Вкупниот фонд за поддршка на проекти изнесува 2.400.000,00 денари.

1. На јавниот конкурс за поддршка на Проект за унапредување на работата на Дневен центар за деца со аутизам Штип, беше избран проектот на Здружението “Отворете ги прозорците”, Скопје.

2. За поддршка на Проект на здружение за социјална заштита на деца на улица, Избран е проектот на “Здружението за заштита на правата на детето”.

3. На конкурсот за поддршка на Проекти на здруженија за заштита на жртви на семејно насилство за 2017 година, поделен на три специфични цели, избрани се следните организации: Кризен центар “Надеж” – Скопје, Организација на жени на град Скопје и Националниот совет за родова рамноправност.

4. На јавниот конкурс за поддршка на Проект за реинтеграција на бездомни лица, избран е – Црвен крст на Република Македонија – Црвен крст на град Скопје.

5. На Јавен конкурс за поддршка на Проект за психо – социјална поддршка на деца во социјален ризик избран е проектот на Здружението на граѓани “ХОПС – Опции за здрав живот, Скопје.