На 8-ми септември ќе се одржи 31-от Меѓународен меморијален атлетски маратон „Влатко Димитров“

Иницијативниот одбор на здружение Охридски Атлетски Маратон 2012 и покрај најавата од минатата година дека ќе ја прекине 30-годишната традиција реши и оваа година да продолжи со традицијата Меѓународен Атлетски Маратон Св.наум-Охрид во должина од 30км.

Имено, на иницијатива на Председателот на АФМ Крсте Среафимоски како и неколку маратонци кој патем помогнаа со спонзори за да се обезбеди еден дел од потребните средства за организација на оваа традиционална трка, на состанокот одржан на 31.07.2017 година Организациониот одбор одлучи Меѓународниот Атлетски Маратон да го носи името на покојниот проф. Влатко Димитров кој беше еден од главните иницијатори покрај повеќето членови во Организациониот Одбор во 2004-та година после 10 годишна пауза да го возобнови одржувањето на оваа традиционална трка.

Оваа година покрај традиционалниот маратон организациониот одбор реши да организира и рекреативна трка на 5км под името Прва Трка на Независност со која би се привлекло повеќе публика на целта, а обезбедени се и симболични награди од фирма со спортска опрема. Досега официјално се пријавени за маратонската трка 123 учесници што е воедно и рекорд во масовност, а се очекува и на денот пред трката да се пријават 10 до 15 учесници. Освен од Македонија ќе имаме учесници од Србија, Словенија, Црна Гора, Бугарија, Унгарија и Кенија. Доделувањето на стартните пакети ќе биде на 7-ми септември, ден пред трките.

Кај Првата трка на независност засега има околу 50 учесници, но се очекува бројката да се дуплира што би било како за прв пат солидна бројка на учесници. Се очекува рекордот на патеката за мажи кој го држи Абел Кибет Роп од Кенија со резултат 1:34:58 постигнат во 2016-та година да го сруши неговиот земјак Кипкорир Бивот, а кај жените на овогодинешната трка која е најмасовна во историјата на овој маратон со преку 20 учеснички, се очекува жестока трка за првото место меѓу победничките на оваа трка Ана Суботиќ и Слаѓана Перуновиќ како и Агнес Кис од Унгарија која за прв пат настапува на оваа трка.

Исто така кај македонските учеснички и учесници се очекува жестока борба за освојување на првото место во македонска конкуренција.