Фатени тројца разбојници по грабеж на бензинска пумпа

Секторот за внатрешни работи Скопје-Единицата за имотни деликти и малолетничка деликвенција-Одделение за имотни деликти и малолетничка деликвенција-Гази Баба поднесе кривична пријава против лицата А.А. (24), Л.Ј. (18) и Д.Д. (26) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „разбојништво“, предвидено и казниво согласно член 237 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Пријавените, на 06.09.2017 година околу 04.40 часот, на бензинска пумпа лоцирана на автопатот Велес – Скопје, со закана со пиштоли, од вработената одзеле околу 30.000 денари. А.А. Л.Ј. и Д.Д. претходниот ден се договориле да се сретнат на паркинг простор на ул. „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и после тоа да одат да ја ограбат бензинската пумпа. Тројцата се упатиле кон бензинската пумпа со патничко возило „Ауди-80“ со скопски регистерски ознаки, сопственост на Д.Д.. Кога стигнале Д.Д. го паркирал возилото, а А.А. и Л.Ј. маскирани влегле внатре и со закана со пиштоли го одзеле дневниот промет. Откако го извршиле делото, со возилото побегнале од местото на настанот. По пријавување на настанот во СВР Скопје, тим од Единицата Алфа тргнал во потрага по возилото. Возилото на сторителите било забележано и запрено на патот кој води од с.Јурумлери кон с.Долно Лисиче. Во возилото биле пронајдени и подигнати еден пиштол со рамка, една рамка за пиштол, гумени медицински ракавици и облека, кои биле предадени за вештачење. Уште еден пиштол, кацига за глава и еден ранец биле пронајдени на друга локација. Овие предмети, од возилото ги фрлиле А.А. и Л.Ј. кога забележале дека ги следат полициски возила. Тројцата пријавени биле приведени во Полициска станица Гази Баба. Во разговор со полициски службеници, пријавените го појасниле начинот на кој го извршиле делото.

Истиот ден, со судски наредби, кај тројцата пријавени биле извршени претреси во дом и други простории. Притоа, кај А.А. биле пронајдени разновидни предмети кои се одземени и за кои дополнително ќе се прават анализи и проверки дали потекнуваат од кривични дела.