Шекеринска и Бартол го честитаа Денот на независноста од врвот Мусица кај Крушево

видео од настанот

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и морнаричкиот капетан Горазд Бартол, шефот на Канцеларијата за врски на НАТО денеска од врвот Мусица на Бушева планина им го честитаа 8-ми Септември – Денот на независноста на сите граѓани на Република Македонија.

Придружувани од амбасадорите на ЕУ, Самуел Жбогар, на Обединетото кралство Чарлс Герет, одбранбени атаеши во Македонија, членовите на планинарското друштво „Ристо Карпуш“, голем број граѓани на Крушево денеска беа дел од настанот „Заедно кон врвот“ кој се организира по повод Денот на независноста.

„Дозволете ми на граѓаните на Република Македонија да им го честитам 8ми септември – Денот на независноста и да посакам следните 26 години да имаме поголема благосостојба и стабилност. Во 26-те години независност поминавме низ добри и тешки моменти, но покажавме дека кога се има иста цел, кога сме упорни и истрајни, таа цел е достижна. Денеска ни треба заедништво околу нашата заедничка стратешка цел – членство во НАТО и ЕУ“, рече министерката.

Таа додаде дека целта била прославата за 8ми септември да не биде типична и заедно со многумина граѓани од Крушево и регионот, вработени во МО и АРМ, партнери од НАТО ,воени aташеа и дипломатскиот кор, да се тргне на пат кон еден врв во Република Македонија.

„Патот не беше лесен, но заедно без откажување стигнавме до целта. Сакаме ова заедништво и истрајност да го искористиме за државата да чекори напред. Благодарам на поддршката од првиот човек на НАТО во Македонија , морнаричкиот капетан Бартол и неговит тим. Ќе бидеме партнер на кој ќе можат да се потпрат. Заедно сме посилни“, истакна министерката.

„Симболиката не завршува тука, денеска е денот на ослободување на Крушево, речениците од македонската химна, „Македонија слободна, слободна живее“ се нашето мото во кое искрено веруваме. Слободни , независни, со јасна цел, членство во НАТО и ЕУ. Ќе бидеме подобра и постабилна држава за сите наши граѓани“, додаде таа.

Морнаричкиот капет Бартол го честиташе Денот на независноста и изрази уверување дека сите 29 земји-членки на НАТО ја поддржуваат Република Македонија да стане 30. Земја-членка на НАТО. „Вашата земја помина избори, има нова влада и нови идеи. Имам чувство дека вашата земја е решена да продолжи на патот кон членство во НАТО и ЕУ. Можам да ве уверам дека сите 29 земји даваат поддршка на вашата земја и со нетрпение очекуваме вашата земја да стане 30. членка на алијансата. Мојата канцеларија е тука да ви помогне“, рече Бартол.

Денешниот настан го симболизира стремежот на Република Македонија кон полноправно членство во Северно-атлантската алијанса и поврзаноста на нашата земја со земјите партнери.