Во ураганот Ирма нема повредени македонски државјани

Во врска со ураганот Ирма кој ги зафати Карибите и брегот на САД, од Министерството за надворешни работи на Република Македонија информираат дека до овој момент, до Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон не се обратиле за помош македонски државјани.

„Воедно, во комуникација сме и со Канцеларијата на странски мисии во Вашингтон и до денес немаме добиено информација за пријавени македонски државјани од погодените подрачја.

Од социјалните мрежи дознавме дека има македонски државјанин на островот Ст. Мартин. Иако островот територијално припаѓа под јурисдикција на Франција и Кралството Холандија, поради географската близина сепак пробавме да стапиме во контакт уште во текот на вчерашниот ден (преку социјалните мрежи) но се уште немаме добиено одговор.“- информираат од МНР.

Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се: 202-390-7418 и 202-667-0501.