Ирма пустоши на Флорида, ја зеде и првата жртва

Ураганот Ирма стигна до јужниот дел на Флорида и веќе ги погоди јужните острови, а наскоро треба да пристигне и на југозападниот дел од копното. Ирма напуштајќи ја Куба доби на сила и сега повторно е ураган од 4-та категорија. Последните информации што ги пренесуваат американските медиуми е дека се движи со брзина од 130 километри на час.

Најмалку 1 милион луѓе ги напуштија своите домови во Флорида, додека останатите се сместени во 260 импровизирани засолништа.

Мајами е речиси испразнет, прогласен е полициски час, пренесуваат медиумите. Околу 500.000 луѓе во Флорида се без електрична енергија, а апелите за спас од најкатастрофалната бура што ја погодила оваа сојузна држава не стивнуваат.

Американскиот претстедател Доналд Трамп порача сите кои се наоѓаат на пат на ураганот да ги почитуваат упатствата и да се засолнат.

„Имотите можат да се надополнат, но не и човечките животи, безбедноста е на прво место“ – рече Трамп.

Ирма со својата разорна моќ уништи голем дел од островите на Карибите и Куба а пријавени се над 20 случаи на смрт.

Нивото на морето се кренало за цели 4,5 метри, а се очекува големо невреме. Од силен дожд најмногу е погоден Мајами Бич, а жителите објавуваат неверојатни снимки на социјалните мрежи.

Локалните власти потврдија дека Ирма ја однела првата жртва на Флорида. На Ки Вест загинал маж во камионет, потврди полицијата. Тој најверојатно поради силниот ветер ја загубил контролата врз возилото и удрил во дрво.

Освен во Флорида на готовс се и властите во Јужна Каролина и Џорџија.

Ирма, досега однесе 24 животи и остави стотици илјади луѓе без своите домови откако ги погоди Куба и Карибите. Ирма е досега најголемиот ураган на Атлантскиот океан и една од најсилните тропски бури во изминативе декади.

Извор: НетПрес