Директорот на Царина ги слушна барањата на економските оператори и се заложи за нивно брзо решавање

Денес (14.09.2017 година) во амфитеатарот на Царинската управа, во насока на отворање на нови можности за комуникација и соработка со сите учесници во царинската постапка, се одржа работна средба на која присуствуваа голем број претставници од деловната заедница.

Средбата ја отвори директорот на Царинската управа, м-р Ѓоко Танасоски, кој ги поздрави присутните и изрази големо задоволство од позитивниот одзив за средбата, што е добар знак за взаемен интерес кон градење на успешна соработка. Директорот ги истакна своите очекувања за интензивирање на соработката, воспоставување на плодни дискусии и размена на мислења во насока на постигнување на една од основните цели на Царинската управа, а тоа е да биде партнер на деловната заедницата, сервис на граѓаните и постојано да предлага и да спроведува мерки за олеснување на трговијата и транспортот.

Целта на денешниот настан беше отворено да се разговара за секојдневните предизвици со кои директните учесници во царинските постапки се соочуваат во текот на своето работење и да се слушнат предлози како заедно Царинската управа и бизнис заедницата може да создадат конкурентен економски амбиент.

Во оваа прилика, збор зедоа претставиците од здружението на шпедитери, здружението на транспортери, претставници од повеќе стопански комори, како и стопанственици од повеќе области, генерално посочија дека многу треба да се работи на искоренувањето на корупцијата, на објективност при селективноста во контролите, на забрзувањето на царинските постапки, но дадоа и предлози и свои гледишта за тоа како може да се подобрат работите.

Директорот на Царинската управа, при своето завршно обраќање истакна дека максимално ќе се посвети на зголемување на довербата помеѓу Царината и учесниците во царинската постапка, а со тоа и на искоренување на корупцијата, како и на развивање на стратегии, процедури и методи за олеснување на протокот на трговијата и преземање на мерки во согласност со важечките законски прописи во Република Македонија и согласно легитимните потреби на деловната заедницата.

Царинската управа на Република Македонија и во иднина ќе организира директни средби од ваков тип, што ќе помогне да се подобри работењето и да се направи чекор напред во соработката.