Министерот Спасовски присуствуваше на првиот академски час на Факултетот за безбедност

Министерот Оливер Спасовски денеска присуствуваше на првиот академски час на Факултетот за безбедност во Скопје. Во своето обраќање до студентите и професорите министерот Спасовски рече дека академската наобразба е круната на долгиот образовен процес и секој млад човек што се решил да го мине тој пат знае дека таа фаза од неговата наобразба, не е само испит на персоналната зрелост туку и конкретно профилирање на идната професионална подготвеност и стручност.

„Министерството за внатрешни работи отсекогаш било и ќе остане отворено за широка и континуирана соработка со вашиот Факултет, пред се во име на заедничките цели што ги споделуваме – практично имплементирање на високообразовните и едукативни стандарди согласно современите трендови во областа на безбедноста. Јас сум свесен дека во годините наназад, особено во последната декада се направи еден стравичен дисконтинуитет во поглед на привлекувањето на кадри од вашиот и сродните факултети во редовите на Министерството за внатрешни работи. Онаму каде што природно би требало да се направи некаква првична селекција. Штетата од сето тоа е заедничка“, рече министерот Спасовски.

Тој потенцира дека во периодот што следи ќе прекине таквата практика.

„Министерството за внатрешни работи, јас како негов раководител и тимот што го предводам, сме решени да ја преиспитаме досегашната кадровска политика, и да создадеме простор за можен работен ангажман на најквалитетните професионални профили од областа на безбедноста.

Во крајна линија длабоко сум убеден дека институционалната ефикасност и функционалност, меѓу другото, многу зависи од следењето и практичното имплементирање на новите научни сознанија и искуства, од постојаната едукативна надградба на вработените, како и во осмислено, системско давање шанса на млади образувани и амбициозни луѓе“, рече министерот Спасовски, посакувајќи им на студентите успех во натамошното образование.

Во продолжение интегрално го објавуваме обраќањето на министерот Спасовски:

Академската наобразба е круната на долгиот образовен процес. Секој млад човек што се решил да го мине тој пат некако природно знае дека таа, така да ја наречам – последна фаза од неговата наобразба, не е само испит на персоналната зрелост туку и конкретно профилирање на идната професионална подготвеност и стручност. Вие денес, почитувани студенти, го правите првиот чекор во ова ново поглавје од вашите животи, а јас, пак, ја имам честа и задоволството, тука пред Вас и вашите ценети професори да ви се обратам со некои пораки што сметам дека ќе бидат важни во вашиот натамошен образовен ангажман.

Сферата на безбедноста иако релативно млада во големото семејство општествени науки, денес веќе е етаблирано научно подрачје кое што по однос на динамиката на развој, интердисциплинарноста, и мора да признаеме – актуелноста, е особено интересно, но и важно за опсервација и изучување.

Економските и социјални противречности, интегративните и глобалистички тенденции, цивилизациските и културолошки разноликости, како никогаш до сега имаат катализирачки ефект врз безбедносните трендови во кое било општество. Независно дали се работи за националната, регионалната или генерално – глобалната безбедност, сведоци сме дека во последниве декади драстично се зголемени безбедносните ризици и предизвици, како по форма така и по содржина. Тоа пак од своја страна ја наметнува потребата на општеството за поинтензивно трагање на институционални, нормативни, концепциски и структурни одговори кои ќе понудат адекватни одговори на заканите.

Во тој контекст науката има посебно место и улога. Пред отприлика две години на еден научен собир посветен на безбедноста реков дека – науката е своевиден мотор на практиката, стожер без чиишто визии и идеи е невозможен каков било прогрес. Тоа мислење не сум го променил, исто како што и понатаму цврсто верувам дека секоја одлука или активност којашто го игнорира стручното знаење или експертското мислење во соодветната сфера по правило носи лоши резултати, а времето тоа секогаш го докажува заедно со скапата цена што притоа ќе мора да се плати.

Токму заради тоа почитувани студенти, сакам да ви порачам дека не треба во ниту еден момент да имате сомнеж во важноста на вашиот избор – да го заокружите вашиот образовен пат во оваа реномирана академска институција. Да не бидам погрешно разбран: јас не зборувам за тоа дека постојат помалку или повеќе важни научни области и дисциплини. Туку зборувам за фактот дека безбедноста како научна дисциплина, доколку безрезервно се препуштите на истражувачкиот дух, ќе ви понуди безбројни можности од коишто понатаму во животот можете да имате само полза.

Во овој смисол, бидејќи се наоѓам на чело на институција чиишто делокруг на работа се токму различните безбедносни сегменти, што во годините пред вас ќе ги изучувате на факултетот, дозволете ми да го кажам и следново:

Министерството за внатрешни работи отсекогаш било и ќе остане отворено за широка и континуирана соработка со вашиот Факултет, пред се во име на заедничките цели што ги споделуваме – практично имплементирање на високообразовните и едукативни стандарди согласно современите трендови во областа на безбедноста. Јас сум свесен дека во годините наназад, особено во последната декада се направи еден стравичен дисконтинуитет во поглед на привлекувањето на кадри од вашиот и сродните факултети во редовите на Министерството за внатрешни работи. Онаму каде што природно би требало да се направи некаква првична селекција. Штетата од сето тоа е заедничка.

Во периодот пред нас ќе мораме силно да се потрудиме да ја прекинеме таквата практика. Министерството за внатрешни работи, јас како негов раководител и тимот што го предводам, сме решени да ја преиспитаме досегашната кадровска политика, и да создадеме простор за можен работен ангажман на најквалитетните професионални профили од областа на безбедноста.

Во крајна линија длабоко сум убеден дека институционалната ефикасност и функциналност, меѓу другото, многу зависи од следењето и практичното имплементирање на новите научни сознанија и исукства, од постојаната едукативна надградба на вработените, како и во осмислено, системско давање шанса на млади образувани и амбициозни луѓе.

На крајот дозволете ми уште еднаш, почитувани студенти, да ви посакам успех во натамошното образование. Пред вас се незаборавни години, искористете ги до максимум.