Спасовски: Сообраќајната едукација клучна за подобра безбедност во сообраќајот

Безбедноста во сообраќајот, и од аспект на актуелните статистики по однос на сообраќајни несреќи и штетите од нив, но и од аспект на економското значење на сообраќајот – од поодамна e примарна тема од поширок јавен, односно општествен интерес, а во неа нужно своја важност има улогата и местото на сообраќајната едукација, како во контекст на превенцијата, така и во контекст на безбедното одвивање на сообраќајот“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната трибина во организација на Националното здружение на автошколи и возачи инструктори – “Обука -Л“, тематски посветена токму на местото на автошколите во образовниот процес и безбедноста во сообраќајот што се одржа во Скопје.

Притоа, министерот Спасовски нагласи дека од стапувањето на сила на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата како и другите подзаконски акти, МВР презеде низа активности за побрзо и поефективно прилагодување и усогласување на правните лица кои вршат обука на кандидати за возачи (автошколите) со новата законска регулатива, која пак е во целост усогласена со Европското законодавство.

“Во текот на изминативе неколку месеци од страна на МВР направен е надзор над работата на повеќе од 80 проценти од правните лица кои моментално ја вршат обука на кандидатите за возачи. Она што ќе биде примарен фокус на надлежните полициски служби од областа на сообраќајот во наредниот период, покрај заокружувањето на лиценцирањето на сите прави лица кои вршат обука на кандидатите за возачи, ќе биде и усогласувањето на категориите за коишто автошколите исполнуваат услови, согласно законската регулатива, без притоа да има било какви последици по самиот процес“, потенцираше Сапасовски.

Инаку на трибината насловена како “Автошколата – фактор за безбедноста на сообраќајот на патиштата“ присуствуваа претставници на автошколите, испитните центри, од Секторот за сообраќај при МВР, од Канцеларијата на ЕУ, од РСБПС, Техничкиот факултет од Битола. Тежиштето на дискусиите беше насочено кон квалитативно и нормативно подобрување на едукативниот процес и неговото влијание врз безбедноста во сообраќајот.

Во продолжение интегрално го објавуваме обраќањето на министерот Спасовски:

Дозволете ми на почетокот на моето излагање на оваа трибина да нотирам, според мое длабоко уверување, еден суштински факт за темата што ќе биде предмет на денешната дискусија.

Имено, безбедноста во сообраќајот, и од аспект на актуелните статистики по однос на сообраќајни несреќи и штетите од нив, но и од аспект на економското значење на сообраќајот, објективно гледано не е само прашање на почитување на законската регулатива од таа област. Ниту пак, само проблем за стручно опсервирање на квалитетот на сообраќајната инфраструктура. Туку несомнено – од поодамна примарна тема од поширок јавен, односно општествен интерес во која што, нужно, своја важност има улогата и местото на сообраќајната едукација. Како во контекст на превенцијата, така и во контекст на безбедното одвивање на сообраќајот.

Сите овде се сложуваме дека динамиката на модерното живеење го прави сообраќајот еден од клучните сегменти во економското, па ако сакате и севкупното општествено живеење. И тргнувајќи токму од таквата констатација, безбедноста во сообраќајот треба и мора да се третира како сериозна општествена проблематика. Притоа, никако не занемарувајќи го нејзиниот образовен аспект туку, напротив, издигнувајќи го на едно повисоко ниво на третман како клучен појдовен фактор во системот на севкупното функционирање на сообраќајот и неговата безбедност.

Само преку постојан ангажман и активности на сите надлежни институции, вклучително и на автошколите, ќе биде можно да дојдеме до стандарди кои што ќе ја променат на подобро состојбата пред се во безбедноста на сообраќајот.

Министерството за внатрешни работи согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е должно да се грижи за почитување на одредбите од овој закон, секако вклучително и за дел од нормите кои се однесуваат на работењето на автошколите и обуката на кандидатите за возачи.

Притоа сакам да истакнам неколку битни поенти во овој контекст. Имено, од стапувањето на сила на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и Правилникот за поблиските критериуми, начинот на работа на автошколите, наставниот план и програма за обука, стручниот кадар, опремата со која треба да располагаат, како и евиденциите што треба да ги водат автошколите за оспособување на кандидати за возачи, МВР, односно надлежните служби при министерството презедоа низа активности во насока на побрзо и поефективно прилагодување и усогласување на правните лица кои вршат обука на кандидати за возачи со новата законска регулатива, која пак е во целост усогласена со Европското законодавство. Дозволете ми во оваа прилика само да го потенцирам податокот дека во текот на изминативе неколку месеци од страна на МВР е направен надзор над работата на повеќе од 80 проценти од правните лица кои моментално вршат обука на кандидатите за возачи.

Она што ќе биде примарен фокус на надлежните полициски служби од областа на сообраќајот во наредниот период, покрај заокружувањето на лиценцирањето на сите правни лица кои вршат обука на кандидатите за возачи, ќе биде и усогласувањето на категориите за кои автошколите исполнуваат услови, согласно законската регулатива, без притоа да има било какви последици по самиот процес. Исто така МВР ќе продолжи со проверката на исполнувањето на пропишаните услови за работа – материјално технички и кадровски – како и на начинот на оспособување на кандидатите за возачи и на начинот на водење на евиденциите утврдени со законската регулатива.

Се разбира, МВР ќе остане отворено за партнерска соработка со правните субјекти, како во поглед на заедничко нормативно надградување на едукативниот процес, така и во поглед на технички и стручни квалитативни подобрувања на сообраќајната обука и образование. Колку за илустрација, би сакал да истакнам дека во МВР, согласно законската регулатива, се планира во целост да се реализира воспоставувањето на индивидуална одговорност за стручниот кадар, преку нивно поединечно лиценцирање, а се со цел за подигање на нивото на одговорност и професионалност во процесот на обука на кандидатите за возачи.
Во крајна линија само со широка комуникација и соработка на сите инволвирани чинители можеме да дојдеме до најдобрите предлози и решенија кои ќе бидат во интерес и на кандидатите за возачи, но и во интерес на севкупната безбедност во сообраќајот.

Дозволете ми на крајот да го изразам своето уверување дека и ваквите настани, како денешнава трибина, се конкретна контрибуција кон заедничките напори за воспоставување на функционални и ефикасни стандарди во делот на сообраќајната обука и едукација. Притоа, имајќи евидентна рефлексија и кон генералното подобрување на безбедноста во сообраќајот.