Македонија – седиште на центарот за културна соработка меѓу Кина и 16 земји на Централна и Источна Европа

На Третиот форум за соработка помеѓу НР Кина и земјите на Централна и Источна Европа (16 + 1), кој деновиве се одржа во Хангџоу, НР Кина, се направија значајни исчекори за унапредување и конкретизирање на соработката меѓу овие земји. Со усвојувањето и потпишувањето на Меморандумот за разбирање помеѓу министерствата за култура на земјите од ЦИЕ и НР Кина, се воспоставува Координативен центар за културна соработка на Иницијативата, чие седиште ќе биде во Македонија.

На Форумот свои обраќања имаа сите министри и претставници на делегациите на земјите – членки на Иницијативата „16+1“. Во неговото обраќање, министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски изрази голема благодарност до сите учесници за укажаната доверба за воспоставување на Центарот за културна соработка на Иницијативата „16+1“ во нашата земја. „Ја истакнуваме нашата посветеност и заложба – овој Центар да се операционализира што побргу и да почне да придонесува со конкретни програми и активности за зајакнување на нашата соработка“, истакна министерот Алаѓозовски.

Министерот Алаѓозовски ја искористи можноста да ги покани домаќините и сите членки на Иницијативата да ја посетат нашата земја, за време на одржувањето на меѓународните манифестации на кои редовно се претставуваат еминентни уметници од НР Кина и регионот.

„Светот денес се соочува со многу предизвици и ризици, од безбедносен, економски, политички аспект. Културата и понатаму останува една од ретките отворени врати, сила која обединува и успева да ги надмине границите и поделбите, да ги негува и промовира различностите во секој аспект. Искрено се надевам дека со оваа Иницијатива ќе успееме да ги отвориме уште повеќе вратите на соработка меѓу нас, а со тоа да придонесеме за помирен, постабилен и попросперитетен свет“, порача Алаѓозовски.

Иницијативата на НР Кина со процесот „16 + 1“ има цел да ја интензивира и прошири соработката со 11-те земји – членки на ЕУ и 5-те балкански земји и тоа во областа на инфраструктурата, трговијата, инвестициите, транспортот, земјоделието, финансиите, науката, образованието и културата, што ќе овозможи внатрешен развој на земјите, регионална поврзаност и поголема соработка во насока на забрзан економски развој.