АХВ ќе го одбележи 28 септември – Светски ден на борба против беснило

Агенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се вклучува во кампањата на Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ за одбележување на Светскиот ден на борбата против беснило – 28 септември. Во рамки на годинашната кампања, во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство, а во соработка со Факултетот за ветеринарна медицина, Ветеринарната комора и ветеринарните друштва, на 30 септември, сабота, во Градски парк (Школка) Скопје, од 10 до 12 часот, ќе се одржи промотивно – едукативен настан за подигнување на јавната свест за беснилото, опасноста од него и превенцијата.

За најмладите ќе биде организирано детско креативно катче каде преку цртежи ќе се твори за одговорноста кон домашните миленици, нивната вакцинација и заштитата од беснило и за одговорното сопствеништво. Факутетот за ветеринарна медицина и ветеринарните друштва ќе даваат совети на одгледувачите на миленици и ќе вршат бесплатни прегледи на животните. Поделени ќе бидат и купони со попусти за сопствениците на миленици кои во рамки на оваа кампања ќе решат да ги вакцинираат своите миленици против беснило, како една од превентивните мерки за спречување на ширењето на оваа болест и кај човекот.

Од средината на октомври Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ја спроведе годинашната есенска кампања за вакцинацијата на лисиците против беснило со авионско фрлање на вакциналните мамки. На целата територија на Република Македонија, со финансиска поддршка на Европската унија и во рамки на оваа вакцинална кампања фрлени ќе бидат 500 илјади вакцинални мамки.

Последен случај на беснило во Република Македонија е регистриран во 2012 година во Радовиш.