Кирацовски: Носиме живот, градиме по план и обезбедуваме услужни општини за сите

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, денеска беше помеѓу граѓаните на Дебар.

Во обраќањето пред дебарчани Кирацовски порача дека акцијата за живот во Македонија за сите продолжува и на локално ниво.

„Во овие стотина дена како Влада, заедно со вас покажавме дека сакаме и можеме да работиме домаќински, чесно, одговорно и во интерес на граѓаните. Како што ветивме, ја покачивме минималната плата на 12.000 денари, ја укинавме радиодифузната такса и екстернототестирање, го решивме проблемот со стечајците, а за неколку дена сите граѓани ќе користат дневна евтина тарифа на струјата.“ потенцираше Кирацовски.

Таквиот домаќински пристап, додаде Кирацовски, ќе продолжи и на локално ниво по изборите и по победата на СДСМ.

„Преку четири клучни столба на кои се потпира нашата програма ќе донсеме живот и овде во Дебар и насекаде низ Македонија. Ќе градиме по план, онака како што треба, да обезбедиме инфраструктура, вода и канализација секаде, за сите. Општините ќе станат отворени и услужни и ќе работат единствено во интерес на граѓаните.“ рече Кирацовски.

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски ги повика граѓаните на Дебар да излезат на гласање, да ја поддржат советничката листа на СДСМ и коалицијата и да го закружат бројот 19, за живот во Дебар и во секоја друга општина во Македонија.