Потпишана спогодба за заштита на посетители помеѓу Националните бироа за осигурување на Македонија и Словенија

Спогодбата за заштита на посетители, која денес беше потпишана во Скопје, меѓу Националното биро за осигурување на Македонија и Националното биро за осигурување на Словенија, им овозможува на возачите од двете држави побрз и поефикасен надомест на штета, во случај на евентуални сообраќајни незгоди.

Со Спогодбата е предвидено оштетеното лице, кое претрпело штета на територијата на другата држава, по враќањето во матичната земја, да се обрати на своето Национално биро за осигурување, кое во соработка со Бирото на другата држава каде што се случила незгодата, ќе овозможи побрзо остварување на правото на надомест на штетата.

Спогодбата за заштита на посетители е така креирана да им пружи на државите надвор од ЕУ можност да обезбедат дополнителна заштита и помош на своите граѓани кои со моторни возила патуваат на територија на други држави. Спогодбата се потпира на најдобрите одредби од 4-та и 5-та Директива за моторни возила на ЕУ, кои се впрочем познати по тоа што се, во најголема мера, посветени на заштита на трети лица. Се смета дека овој механизам е најблизок модел кој постои за државите-членки на ЕУ и дека потпишувањето на оваа Спогодба е добар начин за државите кои се надвор од ЕУ да се подготват за пристап кон Унијата, во делот на прекуграничниот сообраќај на моторни возила.

Покрај тоа што претставува исчекор во заштитата на граѓаните, осигурителните друштва и возачите, оваа Спогодба дополнително ќе ја унапреди и соработката помеѓу двете држави, преку унапредување на транзитот, туризмот и прометот помеѓу Македонија и Словенија.

Спогодбата ја потпишаа генералниот директор на Националното биро за осигурување на Македонија, м-р Трајче Латиновски и директорката на Националното биро за осигурување на Словенија, Маја Крумбергер.

До сега Националното биро за осигурување на Македонија има потпишано спогодби за заштита на посетители со националните бироа на Грција, Турција, Швајцарија, БиХ, Црна Гора, Луксембург, Србија, Хрватска и Бугарија, а се планира до крајот на 2017 година да се потпише ваква спогодба и со Националното биро за осигурување на Албанија, со што би се заокружил овој процес со државите во регионот каде нашите граѓани најчесто патуваат.