Женскиот младински хор при МКЦ вечерва со концерт во Прилеп

Вечерва во ЦК„Марко Цепенков“ во Прилеп во 20.30 часот ќе се одржи концерт насловен „45 години Женски младински хор – МКЦ“ Скопје. Диригент е Сашо Татарчевски. На програма се дела од светската хорска литература,но и од македонските класици Скаловски, Димчевски, К.Македонски, Прокопиев.

Од своето формирање во 1972 па сé до денес, Женскиот младински хор е една од најпрепознатливите карактеристики на Младинскиот културен центар од Скопје. Нивната активност е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.

Во изминатите 45 години хорот освоил многу награди и признанија на домашни и меѓународни натпревари и фестивали, промовирајќи се во вистински културен амбасадор на Република Македонија. Сашо Татарчевски дипломира и магистрира на ФМУ Скопје а посетува и мајсторски курсеви кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург.