Билатерална средба со делегација на Царинската управа на Хрватска

Во период од 2 до 4 октомври 2017 година, во прва официјална посета на Царинската управа на Република Македонија, престојува делегација на Царинската управа на Република Хрватска предводена од генералниот директор и помошник министер за финансии, Хрвоје Човиќ.

Оваа средба е мошне важна за стекнување и размена на искуства од повеќе области со цел исполнување на потребните услови за членство во ЕУ, како што се: имплементација на хармонизирано царинско и акцизно законодавсто на ЕУ, подобрување на информатичко-технолошките капацитети и услуги и примена на Договорот за олеснување на трговијата на Светска трговска организација.

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски нагласи дека е од големо значење поддршката од хрватската царина како стратешки партнер на македонската царина во враќањето на европскиот пат. Директорот Танасоски најави дека Царинската управа на Македонија веќе работи на ново законодавство, кое ќе биде усогласено со регулативата на ЕУ. Дел од измените ќе доведат до поедноставување на царинските постапки, што ќе го олесни работењето на малите и средните компании, ќе ја подобри нивната конкурентност и ќе им помогне поефикасно да се вклучуваат во глобалните синџири на трговија. Новата царинска регулатива, освен што ќе биде поедноставена, ќе ги содржи и другите три столба неопходни за подобро интегрирање на македонската економија во глобалните текови – ќе биде транспарентна, хармонизирана и стандардизирана.

Хрвоје Човиќ, директор на Царинската управа на Република Хрватска, ја искажа подготвеноста за интензивна соработка и поддршка во евроинтеграциските процеси на македонската Царина, преку размена на искуство и добра практика.

Директорите на двете царински служби се согласија дека од посебен интерес за натамошната билатерална соработка, претставува воспоставување на канали за взаемна комуникација и навремена размена на информации во повеќе области со цел поголема ефикасност во работењето.