Намален бројот на сообраќајни незгоди во Охрид

Воспоставување стабилен режим во сообраќајот за време на летната туристичка сезона, беше една од главните мерки и заложби на полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид. Целта на интензивно преземените мерки и акциски контроли, беше подигнување на степенот на сообраќајната безбедност во градот и околните населени места, почитување на сообраќајните правила и прописи, поголема сообраќајна фрекфентност на сообраќајниците и елиминирање на можностите за сообраќајни незгоди. Сообраќајните контроли беа преземани во текот на целото деноноќие, во централното градско подрачје но и надвор од градот, со физичко присуство на полициски службеници на сообраќајниците и поставување сообраќајни пунктови на магистралните и регионалните патишта кон Охрид. Самостојно и во соработка со Општинскиот Совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, беа преземани превентивни кампањи за подигнување на степенот на безбедност во сообраќајот и јакнење на јавната свест кај сите учесници во сообраќајот за поголема внимателност и одговорно учество во сообраќајот.

Според аналитичките податоци на СВР Охрид, во текот на овогодишната туристичка сезона (јули и август), во Охрид се случиле 70 сообраќајни незгоди додека во истиот период лани, биле регистрирани вкупно 78. Она што посебно треба да се потенцира е дека, во текот на овогодишната туристичка сезона, во Охрид нема сообраќајни незгоди со жртви, за разлика од минатата година кога во јули, во 2 сообраќајни незгоди загинаа 4 лица. Од останатите параметри, вредно е да се истакне дека, оваа туристичка сезона имаше седум сообраќајни незгоди со тешко телесно повредени лица додека во истиот период лани имало вкупно девет. Во однос на здобиени лесни телесни повреди, оваа туристичка сезона забележани се вкупно 40 сообраќајни незгоди што значи намалување во однос на ланските 69.

Во текот на оваа туристичка сезона, полициските службеници забележаа и прекршоци случени при движење во кружните раскрсници, неправилно паркирање на патнички и други моторни возила на коловозните ленти, неправилно преминување на коловозите од страна на пешаците (надвор од обележан пешачки премин), управување на патнички моторни возила без возачка дозвола и со изминат рок на важност на сообраќајните документи, управување на технички неисправни патнички и други моторни возила, како и други прекршоци. По сите овие основи, се вршеше предупредување но и поднесување на соодветни пријави во случаи на подрастично кршење на одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.

СВР Охрид и полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата, ќе продолжат со професионална ангажираност насочена кон понатамошно зачувување на поволната сообраќајна безбедност во Охрид но и кон натамошно подигнување на степенот на безбедност на учесниците во сообраќајот.