ВМРО-ДПМНЕ: Што вие направивте за време на вашето осумгодишно владеење?

ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид, контра-реакција на соопштението на СДС за проектите за спорт. Во неа стои:

„Почитувани,претставници од СДС и нивни „подржувачи’’, јавно не’ повикувате да одговориме на прашања и секогаш ви одговараме а за коишто и самите имате одговор, ги гледате делата пред вас, но не сакате да си признаете дека се реализирани, односно се реализираат. Кога Вие ќе одговорите на прашањата досега поставени од самиот старт на кампањата!? Не можете да најдете ништо ПОДДРЖАНО со факти, па затоа барате по архивите невистини и веќе слушнати работи во кои никој не верува, а ни вие самите, но ете мора нешто да се пишува.

Прво, кога веќе прашувате за реконструкција за кејот, одговорот е ДА, тој е делумно реконструиран, а ќе продолжи да се реконструира во иднина и до пристаништето. Кејот е широк поим и има две страни. Зарем за вас ништо не значи кејот Студенчишта, патеката покрај кејот што води до хотел Парк, патеката Лабино која охриѓани ја користат за секојдневна рекреација, асфалтираниот пат до Велестово, многубројните спортски игралишта коишто се направени во секоја една населба, детските и спортски игралишта што го красат кејот? Дали сакате уште да набројуваме?

Прашањето е: Што вие направивте за време на вашето осумгодишно владеење? Каков живот донесовте? Одговорот е НИШТО, односно, еден кружен тек и милионски суми во кафани! Тоа е горката вистина што сите охриѓани ја знаат, но нема да погрешат на 15 октомври и тогаш ќе ве достигне казната.

И немојте да ширите лаги и невистини во однос на затворениот базен. Сите знаеме дека куќа се гради од темел, а не од покрив. Ниту едно градежно дело не може да се направи преку ноќ. Базенот е во тек на изградба и се гради, а ако веќе толку се интересирате за рокот, побарајте поверодостојни информации. Како прво 2017 година е се’ уште во тек и не е завршена, а како второ и верувам поважно за вас е фактот што треба да го знаете дека Проектот треба да биде завршен до април 2018 година и ќе биде, а секако ќе ве поканиме на неговото свечено отворање.

ВМРО-ДПМНЕ реализира дела, проекти, отвора нови работни места, го сака својот град и охриѓани, ја сака својата земја, а тоа ќе го докаже на 15 октомври!“– стои во реакцијата.