„Обврска сега! За денот потоа!“ потпишани барањата од граѓанскиот сектор од општина Охрид

Во рамките на проектот „Денот потоа: Локални избори“, Фондацијата Фридрих Еберт-канцеларија Скопје во соработка со прогресивни граѓански организации и претставници од академската фела, во периодот септември-октомври 2017 година организираше активности за унапредување на состојбите во општеството на локално ниво во Република Македонија.

Активностите се одржаа во општини од сите осум (8) плански региони во Македонија (Велес, Штип, Гевгелија, Прилеп, Охрид, Маврово/Ростуша, Општина Центар, Град Скопје и општините на територијата на Скопје). Координаторите од граѓанскиот сектор од секоја од општините имаа задача да ги повикаат и консултираат организациите од граѓанскиот сектор со цел да се креираат барања во различни области кои денес се претставија до кандидатите за градоначалници во тие општини.

Со потпишувањето на наведените барања, кандидат(к)ите за градоначалници прифаќаат, штом ја добијат довербата од граѓаните, да се формираат мешани работни групи од општинската администрација и организациите/индивидуите кои ги креирале барањата со цел да се изнајдат решенија за имплементација на самите барања. Сите овие активности ќе подлежат и на граѓански мониторинг, а целиот овој процес ќе биде поддржан од Фондацијата Фридрих Еберт во периодот до крајот на мандатите на градоначалниците.

Денешните прес конференции/настани во горенаведените општини беа насловени „ОБВРСКА СЕГА! ЗА ДЕНОТ ПОТОА!“, а од страна на Фондацијата Фридрих Еберт поканети беа сите кандидат(к)и за градоначалници за вклучените општини. Барањата на организациите од граѓанскиот сектор беа презентирани до нив во директна консултација.

Во сите општини присутни беа кандидат(к)ите за градоначалници на коалицијата предводена од страна на СДСМ, а дополнително во Град Скопје и Општина Центар присуствуваа и кандидат(к)ите за градоначалници од партијата ЛЕВИЦА. Во Охрид присуствуваше и независниот кандидат Стевче Стевоски. Сите присутни кандидати ги потпишаа барањата креирани од организациите од граѓанскиот сектор и дадоа „Обврска сега! За денот потоа!“.

Штом овие кандидат(к)и ја добијат довербата на граѓаните, веднаш започнува процесот на меѓусебна соработка и исполнување на барањата од граѓанскиот сектор поддржан од страна на Фондацијата Фридрих Еберт-канцеларија Скопје.