АВ Охрид со пораз ги започна натпреварите од АБА 2 лигата

Екипата на АВ Охрид дебитираше во АБА 2 лигата. Во Спортската сала „Билјанини извори“, АВ Охрид претрпе пораз 62-82 (14-21, 19-20, 18-20, 11-21) од српскиот тим Борац од Чачак.

„Резултатски минавме лошо, но игравме добро. Не знам зошто се предадовме во последната четвртина иако губевме десетина разлика. НАтпреварите во АБА лигата ќе ни послужат за добро искуство и за акумулирање на самодоверба.“ – изјави Петар Чочороски, тренерот на АВ Охрид.

„На моите играчи им честитам за заслужената победа, додека на охридскиот кошаркарски клуб му посакувам многу среќа во понатамошните натпревари. Има неколку фактори кои одведоа до победа. Првата е затворањето на нивниот најдобар играч Бери, на кого не му дозволивме да се разигра. Исто така и тој ни помогна, откако направи три лични грешки. Потоа, неколку шутеви погодивме кога требаше и не им дозволивме на домаќините да се вратат комплетно во игра. Оваа победа ќе ни биде голем мотив за понатаму, бидејќи не очекуваат доста натпревари годинава.“ – изјави Рашко Бојиќ, тренер на Борац Чачак.

„Последната четвртина беше решавачка, бидејќи до тука иако губевме, од време на време се враќавме и држевме резултатска неизвесност. Ние имавме некои избрзани шутеви и технички грешки, тие искусно го казнуваа тоа и заслужено и се израдуваа на победата.“ – изјави Станислав Цонков, играч на АВ Охрид.

„Сакам да им честитам на нашите домаќини за беспрекорната организација и приемот кој го добивме во Охрид. Исто така, сакам да им честитам на моите соиграчи за добрата игра и победата. Резултатски нашата победа изгледа лесно, но воопшто не беше така, бидејќи домашниот состав не се предаваше кога имаше двоцифрена негатива. Морам да напоменам дека ни тргна шутот, лесно ја пробивме нивната зонска одбрана и тука е клучот на нашата победа.“ – изјави Марко Стојадиновиќ, играч на Борац Чачак.

WebOhrid