ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е дувло и синоним за пропаст

Во врска со денешната прес-конференција на кандидатот за градоначалник Јован Стојаноски, реакција испрати ВМРО-ДПМНЕ ОК Охрид во која стои:

„Денешната прес-конференција на СДС и Јован Стојаноски е практично создавање алиби со кое сакаат да се исперат за сè она што им го направија на охриѓани.

СДС денеска несвесно јавно призна како тие требало да ја водат Општината кога имале можност, но наспроти тоа знаеме дека СДС беше до гуша во криминали и ја задолжи Општината и Јавните претпријатија со што ги направи загубари.

Недомаќинското работење, неуслужна општина, контуинираната злупотреба како и ставањето на партиските и лични интереси пред интересите на граѓаните ги доведе Јавните претпријатија до пропаст.

Охрид е градот кој најмногу пропати од политиките на СДС кои значеа затворање на фабрики, технолошки вишоци и бркање луѓе на улица без работа токму од Јавните претпријатија.

Охриѓани многу добро знаат дека Јавните претпријатија ги користевте како партиски инструмент. Исто така како што знаат дека за ВМРО-ДПМНЕ е од витално значење нивното функционирање, впрочем тоа сме го покажале во многу наврати наназад со нивното раздолжување и нивно ангажирање за потребите на Локалната самоуправа, а за кои потреби во минатото се ангажирале приватни фирми.

Карактеристика ваша е тоа што управните и надзорните одбори ги користевте за во нив да се сместуваат шест или седум семејства  кои контролираа с`е во Охрид. Ваквото практикување на локалната власт и локалните јавни претпријатија и институциите, охриѓани убедливо го испратија во историјата одамна.

Со кој образ си дозволувате повторно да застанете пред охриѓани и да ја барате нивната поддршка?

Не го потсетувајте овој народ на маката која му ја нанесовте!

Охрид еднаш Ве казни за неправдата која му ја наметнавте, и бидете сигурни дека ќе Ве казни повторно на 15 октомври!“ – стои во реакцијата од ВМРО–ДПМНЕ ОК Охрид.