МОСТ ќе ги следи изборите со повеќе од 2500 набљудувачи

Граѓанската асоцијација МОСТ ќе ги следи локалните избори со повеќе од 2.500 набљудувачи. На гласачките места ќе бидат распоредени 2.100 набљудувачи кои ќе покријат околу 50% од гласачките места во Република Македонија.

Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и 120 мобилни тимови, составени од двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние места на кои МОСТ нема статични набљудувачи.

Дополнително, 81 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии и изборната комисија на град Скопје, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.  

Покрај гласањето на 15 октомври, МОСТ денес го набљудува и предвременото гласање на болните и немоќни лица, внатрешно раселените лица и лицата во затвор или притвор.

Жолтите маички со кратки ракави, на кои на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано  “Мониторинг 2017“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи маица, овластување и акредитација исклучиво за овие избори.

Во текот на денот, граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, може тоа да го сторат преку бесплатната телефонска линија 080 080 080 или преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk. 

Сите потврдени информации од набљудувањето на гласањето на денот на изборите, МОСТ ќе ги соопшти на четири прес-конференции, кои ќе се одржат во 9:30, 13:30, 17:30 и 20:30 часот. 

Граѓанската асоцијација МОСТ апелира за одржување на фер, демократски и мирен изборен процес.

Бесплатна телефонска линија за

пријавување на нерегуларности

080 080 080

# # # # #

Проектот „Домашно набљудување на локалните избори 2017“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија, Швајцарската агенција за развој и соработка, Националниот фонд за демократија и УСАИД преку Националниот демократски институт.

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.

За дополнителни информации: Граѓанска асоцијација МОСТ  тел. 02/ 30 99 384