Одржан третиот по ред Куп во гаѓање со воздушно оружје во Битола

Заврши и третиот по ред Куп во гаѓање со воздушно оружје-меѓународна програма, што се одржа викендов на стрелиштето во касарната во Битола. И ова натпреварување како впрочем и сите претходни, мина со низа пропусти и недостатоци на организациски план, но за жал и овај пат не беше изоставена злоупотребата од страна на Селекторот, кој направи три партии за да може неговите стрелци (првенствено неговата сопруга) непречено да се натпреваруваат, имајќи во предвид дека останатите стрелци го завршуваат натпреварувањето и го напуштаат стрелиштето, па условите за натпреварување се далеку поповолни отколку во првата партија.

„Овој натпревар беше рекордно најслаб по број на пријавени стрелци од сите клубови во државава. Имено на натпреварот не зедоа учество квалитетните стрелци од Кавадарци и Прилеп, но истотака и од Велес, со што конечно се става под знак прашање и опстанувањето на овај спорт воопшто. И резултатите не беа во потполн сјај, нормално и очекувано кога натпреварот не започнува на време поради немање на струја, па нервозата кај натпреварувачите е повеќе од очигледна, а прекинот на струјата и на самото натпреварување предизвика вербална расправија помеѓу организаторите и стрелците од СК „Стрелец“ која за малку не прерасна во поголем инцидент. Ваквите испади и нетрпенија во континуитет траат веќе подолго време, па натпреварите почнаа да наликуваат на арена за докажување на тоа кој има поголема моќ. Нашиот клуб по не знам кој пат достави званично Барање до македонската спортска стрелачка федерација за организирање на натпреварите во Охрид, и избегнување на вакви инциденти, но молк и понатаму од нивна страна, за што, раководството од страна на нашиот клуб, се повеќе размислува да не настапува на натпревари, се додека ваквата ситуација не се промени и натпреварите не наликуваат на клупски Турнири, туку на масовни такмичења какви што имавме пред десеттина години.“– велат од СК „Охрид“

СК „Охрид“ исто така овај пат настапи само со 4 свои стрелци, во категорија на јуниорки (што никогаш не било случај) и резултатите се следни:

„Нашата најдобра јуниорка Мартина Петровска и покрај долгото отсуство од тренинзи поради школувањето во Скопје, повторно неприкосновена на првата позиција со извонреден резултат од 405,8 кругови, односно второпласирана во конкуренција на жени. Анастасија Мојсовска на третата позиција за јуниорки со далеку послаб резултат од своите можности со 395.4 круга, односно петтопласирана во севкупен пласман жени. На четвртата и петтата позиција се пласираа Мартина Кочовска и Јована Милевска со резултати од 377,5 односно 376.3 кругови. И на овај натпревар изостана пукањето на финале, што мора да е завршен дел на еден натпревар, па надлежните инспектори од областа на спортот конечно треба да направат увид и прекин на ваквите недостатоци на натпреварите, како не би се довело до гаснење и на овој, некогаш најмасовен и најатрактивен спорт.“- додаваат од СК „Охрид“.