Проштална средба на претседателот Иванов со амбасадорот на Словачка, Мартин Безак

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари проштална средба со амбасадорот на Словачката Република, Н.Е. д-р Мартин Безак.

Претседателот Иванов изрази благодарност за личниот ангажман и посветеноста на амбасадорот Безак во унапредување на севкупните билатерални односи на Словачката Република со Република Македонија. и изрази уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог меѓу двете земји и проширување на соработката во сите сфери од заемен интерес.

Македонскиот претседател изрази благодарност за целокупната помош и поддршка која Република Македонија ја доби од Словачката Република во справувањето со мигрантската и бегалската криза, потенцирајќи го нивниот значаен придонес преку присуството на словачките полициски сили и опрема, со цел надзор и поефикасна заштита на нашата граница.

„Високо го ценам вашиот активен придонес во позитивниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Словачката Република и во успешната соработка во однос на мигрантската и бегалската криза”, нагласи претседателот Иванов, посакувајќи му успех во идните ангажмани.

Во однос на реализацијата на македонските стратешки надворешно-политички цели, претседателот Иванов изрази уверување дека Словачката Република како докажан и принципиелен пријател и партнер ќе продолжи отворено да ја поддржува Република Македонија во аспирациите за членство во Европската Унија и во НАТО.