Владата на Република Македонија ќе ја одржи својата редовна 32 седница

Владата на Република Македонија на 19 октомври (четврток), ќе ја одржи својата редовна 32 седница, со повеќе точки на дневниот ред од интерес на граѓаните.

На оваа седница владата ќе ја разгледа информацијата за постапување по предмети за настанатите штети на движен и недвижен имот на подрачја на Скопскиот и Тетовскиот регион заради зголемен обем на врнежи и поплави.

Пред министерите во Владата на РМ, на седницата ќе се најде и информацијата за склучен Протокол помеѓу Царинската управа на Република Македонија и Федералната царинска служба на Руската федерација за размена на документи и информации поврзани со царинска вредност на стока која се разменува меѓу Република Македонија и Руската Федерација и Работен план за соработка помеѓу Царинската управа на Република Македонија и Федералната царинска служба на Руската Федерација за спречување на царински прекршоци.

На предлог на Секретаријатот за европски прашања на 32-та седница на владата ќе се најде и информацијата за потпишување на Спогодба за финансирање помеѓу Европската комисија и Владите на Република Македонија и Република Албанија за Акциската програма за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Албанија за 2015 – 2017 година, како и предлогот за поведување постапка за водење преговори за склучување на Протокол помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Косово за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе.

Владата на Република Македонија на седницата ќе ја разгледа и информацијата за постапување по обраќањата и препораките на Народниот правобранител упатени до Владата на Република Македонија, органите на државната управа, други органи и организации што имаат јавни овластувања, во периодот мај-јуни 2017 година.

Владата на седницата на 19 октомври на дневен ред ја има и Предлог-уредбата за методологија за утврдување на критериумите за распределба на блок дотации од областа на културата во 2018 година и Предлог-програмата за изменување на програмата за научно-истражувачката дејност за 2017 година.

На оваа седница на владата ќе биде разгледана и информацијата за активностите во насока на имплементација на клучните мерки под димензијата Антикорупција од Стратегијата за Југоисточна Европа 2020.

На предлог на Собранието на РМ, министрите во Владата на РМ, на овааа седница ќе се произнесат и за Предлог-законот за изменување на Законот за заштита од пушењето,по скратена постапка, како и за предлогот за изменување за изменување и дополнување на Статутот на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.

На седницата ќе се разгледа и информацијата за пројавен интерес за користење стручна помош од странски експерти на третиот Јавен повик на проектот „Странски експерти за домашни компании“, а на предлог на Министерството за транспорт и врски ќе се разгледа и информацијата за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот „Евтини летови за македонските граѓани“, информација за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот за иницијативи за склучување на билатерални спогодби, меморандуми за разбирање и соработка во воздушниот транспорт со воздухопловните власти на земјите од ЕУ и светот.

Министерството за транспорт и врски на оваа седница на владата ќе ја презентира и информацијата за текот и прогресот на активностите за реализација на проектот „Изградба на карго аеродром „Филип II“ во Штип.

На предлог на Министерството за образование и наука, министрите на оваа сеница ќе ја разгледаат информацијата за реализација на проектот Спортска академија, како и информацијата за текот и прогресот на активностите во врска со проектот „Стипендии на средношколци кои ќе освојат награда на научна олимпијада“.

На оваа седница ќе биде разгледан и извештајот за шестмесечната за работата на Агенцијата за филм на Република Македонија за период од 01.01.2017 година до 30.06.2017 година, на предлог на Агенцијата за Филм на Република Македонија.