Јован Стојаноски ја презеде градоначалничката функција во Охрид

Досегашниот градоначалник д-р Никола Бакрачески и новиот градоначалник проф. Јован Стојаноски денес извршија свечен чин на примопредавање на градоначалничката функција, со што Стојаноски од денес е новиот татко на Охрид.

„Денес завршува еден мандат и почнува нов, завршува за мене, а почнува за новиот градоначалник на Охрид, г-динот Јован Стојаноски. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на сите охриѓани кои што во сите овие четири и пол години што ми ја дадоа довербата и што беа со мене. Сакам да ги уверам дека Охрид е навистина неизмерна вредност за чие негување и унапредување вреди да се вложи секој еден од нас, односно секој охриѓанец. Затоа, во овој момент би сакал и официјално и во јавност да му ја честитам победата на г-динот на Јован Стојаноски и изборот за нов градоначалник на Охрид. Да му посакам успешна реализација на безброј проекти корисни за граѓаните на Охрид и успешно справување со предизвиците и проблемите на овој град. Јован Стојаноски го знам уште од основно образование, се знаеме уште од прво одделение, сме генерација, сме учеле заедно до осмо одделение, сме биле генерациски поврзани во Гимназија и не се сомневам дека тој е личност која ќе знае како да ги менаџира проблемите и предизвиците на градот Охрид и знам дека ќе испорача голем дел на проекти за доброто на охриѓани и за доброто на градот Охрид. Затоа треба сите како охриѓани да се вложите себе си и да смогнете сили да му помогнете на новиот градоначалник на Охрид, успешно да ги спроведе ветувањата према вас и према охриѓани и успешно да го води овој град кон една подобра иднина за охриѓани и кон едно посветло утре.“– рече  досегашниот градоначалник Бакрачески.

„Сакам да изразам голема благодарност за сето она што досега го направил градоначалникот д-р Никола Бакрачески, затоа што како луѓе секогаш треба да гледаме на позитивните работи и секогаш треба да ги надоградуваме работите кои што нашите претходници го направиле. Му посакувам на градоначалникот д-р Бакрачески да има пред се добро здравје и својата и досега успешна кариера да ја продолжи во животот, му посакувам секое добро и на личен и на професионален план. На граѓаните на Охрид му посакувам да имаме одлична соработка во наредниот четиригодишен период, да ги остваруваме сите оние проекти кои што сме ги зацртале како неопходни за развој на нашиот град и нашата држава Република Македонија. Посакувам Охрид да оди во еден позитивен правец, да го добива се повеќе и повеќе она што го заслужува како град, како бисер на Балканот, како бисер на нашата држава Р.Македонија. Посакувам граѓаните да бидат трпеливи, но и да бидат упорни од друга страна во остварување на нивните барања, меѓутоа во основа да бидат трпеливи, да знаат дека не одат секогаш работите како што очекуваат брзо и едноставно, сепак сме Општина која што има одредени проблеми, меѓутоа позитивно како човек се надевам дека во наредниот четиригодишен период ќе ги решаваме сите тие проблеми, дека ќе постигниме развој за нашиот град, ќе постигниме она кое што сите дури и во државата Република Македонија го очекуваат, Охрид да стане претстолнина на Р.Македонија. Посакувам да имам одлична соработка со општинската администрација, да работиме во една мирна, тивка и професионална атмосфера, сите заедно да ги остваруваме и проектите, но и тековните програми. Не очекуваат предизвици во наредната година, нови буџетски програми. Сето ова набрзина дојде за сите нас и мислам дека сите заедно, сите граѓани на Охрид, без разлика на нивната верска, национална, па и на крајот политичка припадност дека јас како Јован Стојаноски ќе бидам градоначалник на сите граѓани на општината Охрид и сите заедно ќе се трудиме општина Охрид да го постигне очекуваниот развој.“- изјави новиот градоначалник Стојаноски.

Стојаноски како кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ и коалицијата, на локалните избори 2017 кои се одржаа во неделата, на 15ти октомври победи уште во првиот круг со вкупно освоени 18.262 гласови.

This slideshow requires JavaScript.

WebOhrid