Осветен храмот „Воскресение Лазарево“ во Охрид

Денес на денот кога го прославуваме споменот на преп. Пелагија, преп. Таиса и на св. мч-чка Пелагија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј го освети храмот „Воскресение Лазарево“ на Градските гробишта во Охрид.

Храмот започна да се гради на 29 август 2004 година, по иницијатива на иницијативниот одбор на чело со Митрополитот Тимотеј, а се изгради со особен финансиски придонес на компаниите „Митан-пром“ од Охрид, на чело со Перо Митан и на „Ремис“ од Охрид, на чело со Бошко и Олга Илоски, како и со финансиски средства од Дебарско-кичевската епархија Охрид.

По осветувањето, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, протоерејот Љупчо Симиџиески, свештениците Кирил Јованоски, Димче Азески, Горан Ставрески, Владо Недески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа.