Три финалисти за филмската награда „Лукс“

Европскиот парламент и годинава традиционално ќе ја додели наградата „Лукс“ за најдобар европски филм во кој се ставаат на предизвик нашите предрасуди и се покренуваат прашања за европскиот идентитет.

Овогодишни финалисти се: „Sámi Blood“, „Western“ и „BPM (Beats per minute)“, филмови со силни ликови кои се борат за својот идентитет.

„Sámi Blood“ е филм на шведската режисерка Аманда Кернел, во кој станува збор за 14-годишната девојка Лап, којашто сонувајќи за еден поинаков живот, ја напушта својата заедница, но притоа се соочува со расизам;

„Western“ во режија на Германката Валеска Гризебах, ги решава проблемите на економската миграција и интеграција, преку приказната за германски работници на градилиштето за хидроелектрана во убава природа во Бугарија;

„BPM (Beats per minute)“ е францускиот оскаровец за оваа година од режисерот Робин Кампиљо, кој ја отсликува солидарноста, смислата за хумор и определбата на група активисти за поголема свесност за сидата и за побрз напредок во превенцијата и третманот во Франција во раните деведесетти.

Љубителите на седмата уметност можат да ги погледнат трите финалисти на филмските фестивали или кина во сите земји на ЕУ од октомври до декември, благодарение на обезбедениот титл на 24-те официјални јазици на ЕУ. Годинава, како новина, ќе има три симултани проекции, а по прикажувањето, публиката може да поставува прашања до филмските екипи, како и другите луѓе преку Твитер.

Европратениците веќе имаат можност да ги гледаат трите натпреварувачки филмови и да гласаат за филмот за кој сметаат дека треба да победи. Церемонијата за доделување на наградите ќе се одржи на 14 ноември, за време на пленарната сесија во Стразбур.