МКФ: Котизацијата е трошок кој паѓа на грбот на клубот, а не на членовите, играчите и нивните родители

Македонската кошаркарска федерација, излезе со соопштение со кое упатува апел до родителите на младите кошаркари и кошаркарки во врска со плаќање на котизациите за учество во младинските лиги.

„Со овој допис, сакаме да ја информираме сета јавност во Република Македонија дека котизацијата која се плаќа за учество во една лига е трошок кој паѓа на грбот на клубот, а не на неговите членови односно играчи како и нивните родители.

Кошарката е спорт кој треба да биде достапен за сите деца подеднакво, а не луксуз на поединци. Клубовите треба да овозможуваат да секое дете кое има желба активно да тренира и да напредува во овој спорт, а не финансиите да бидат примарни во селекцијата на играчите по клубовите односно школите.

Сакаме да апелираме до сите родители кои се злоупотребувани од страна на клубовите, да се охрабрат и да ја споделат секоја информација до МКФ и доколку се утврди дека биле доведени во заблуда и од нив се побарува да уплаќаат дополнителни средства за котизација клубовите ќе подлежат на соодветни санкции.“ – стои во соопштението од Македонската кошаркарска федерација на Македонија.