Нов културен бран: Изложба „Јазикот на ѕидот“ во Стариот амам во Тетово

Изложбата „Јазикот на ѕидот“ на Страхил Петровски и Ивона Тричковска, поддржана од Министерството за култура на РМ преку Манифестацијата „Нов културен бран“, ќе биде отворена утре во 19 часот, во Уметничката галерија во Тетово.

Изложбата претставува просторна инсталација инспирирана од т.н. улична уметност, со која ќе се преобликува галерискиот простор на историскиот објект на Стариот амам во Тетово во еден модерен, урбан контекст, преку апликација на калиграфски знаци – графити -мурали.

Во дадениот контекст, со претходно насликаните калиграфски знаци – графити – мурали на платно од страна на авторите на проектот, ќе бидат обложени ѕидовите на амамот – како контраст на старите архитектурални елементи на објектот, а со цел да се доближи природниот носач (ѕидот) на кој се изведува оваа уметност, задржувајќи ја нејзината оригинална монументална форма.

Инсталацијата (во една од салите на амамот) ќе биде осветлена со блеклајт неонки, притоа создавајќи алтернативен визуелен амбиент.