Од денес до 3ти ноември вакцинација на лисиците против беснило

Агенцијата за храна и ветеринарство денес почнува со реализација на есенската кампања за вакцинација на лисиците против беснило со авионско фрлање на вакцинални мамки од аеродромите во Скопје и во Штип.

Со техничка и финансиска поддршка од Европската Унија, заклучно со 3 ноември годинава, на територијата на цела држава ќе бидат фрлени 500 илјади мамки. Вакцинацијата има за цел прекинување на пренесување на вирусот на беснило од едно на друго животно и негово елиминирање од носителите, односно од таканаречените резервоари.

„Апелираме до граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа, да внимаваат и никако да не ги допираат со раце вакциналните мамки, кои се со кафена боја и личат на чоколадни коцки. Во нив е сместена пластична капсула во која се наоѓа вакцината во течна состојба. Доколку, сепак, се случи мамката да се допре, рацете да се измијат со обилно количество вода и сапун, а доколку мамката дојде во контакт со уста, задолжително да се побара и лекарска помош“, соопшти Агенција за храна и ветеринарство.

По завршување на вакцинацијата ќе се спроведе контрола за проценка на успешноста и на оваа вакцинална кампања. Оралната вакцинација на лисиците против беснило почна да се спроведува во 2011 година, со по две вакцинални кампањи- пролетна и есенска.