Царовска: Да се подигне свеста кај македонските компании за способностите и можностите на лицата со попреченост

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, претставникот на УСАИД Македонија, Едвард Гонзалес, Томислав Зографски од фондацијата „iVote“ и државниот советник во Државниот инспекторат за труд, Беџет Беџети, денеска потпишаа меморандум за соработка за поддршка на практикантската работа на учесниците во проектот за Социјална инклузија преку технологија.

Во своето обраќање на овој настан, министерката Царовска посочи дека примарна цел на професионалната рехабилитација е да им овозможи на лицата со попреченост да обезбедат и задржат соодветно вработување. Затоа МТСП му дава особено значење на процесот на воведувањето на професионалната рехабилитација, како можност лицата со попреченост да се вработат или да напредуваат во соодветното вработување, а со тоа да се поттикне и интеграцијата и реинтеграцијата на овие лица во општеството. Крајната цел е враќање на лицата со попреченост во профитабилно вработување и вклучување на пазарот на трудот, имајќи предвид дека ИКТ технологијата обезбедува се’ повеќе работни места и бара унапредување на вештините со кои и ќе се зголеми конкурентноста.

Царовска нагласи дека покрај напорите да се олесни влезот на пазарот на трудот на лицата со попреченост, клучно е и да се подигне свеста кај македонските компании за способностите и можностите на овие лица и дека лицата со попреченост не треба да се перцепираат само како индивидуи на кои им е потребна помош, туку дека тие се вредни и посветени работници и дека можат да бидат ефективни и ефикасни доколку им се даде шанса.

Проектот на УСАИД за Социјална инклузија преку технологија е имплементиран од фондацијата „iVote“ во соработка со граѓанската организација „Отворете ги прозорците“ и здружението за студенти и младинци со попреченост во Македонија. Главната цел на проектот е да ја зголеми инклузијата и интеграцијата на младите луѓе со попреченост на пазарот на трудот во Македонија, особено во брзо растечкиот ИКТ сектор преку онлајн курсеви и практично искуство во ИКТ компаниите во земјава.