МД „Илинден“ – Тирана достави барање до претседателот Илир Мета за ревидирање на Законот за заштита на малцинствата

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана и неговиот огранок за Голо Брдо, доставија барање до албанскиот претседател Илир Мета, во кое се бара согласно неговите уставни надлежности, да го врати во Парламентот на повторно разгледување Законот за заштита на малцинствата.

Во барањето се посочува дека Законот, кој е усвоен на 13 октомври 2017 година го сметаат за многу значаен за малцинставата во Република Албанија. Поради тоа не може да се дозволи искривување на вистината со прзинавање на непостоечко бугарско малцнство во областите Преспа, Голо Брдо и Гора, кои се населени со припадници на македонското малцинство. Членовите на Македонското друштво „Илинден“ -Тирана и огранокот за Голо Брдо, во име на сите Македонци оценуваат дека признавањето на непостоечко бугарско малцинство претставува тешка повреда на меѓународните закони и конвенции бидејќи не се испочитувани основните принципи за прогласување на одредена национална група за национално малцинство.

Исторските факти и пописите на населението спроведувани со децении наназад, потврдуваат дека во Република Албанија ниту еден жител не се изјаснил како припадник на бугарско малцинство. Напротив, податоците јасно покажуваат дека во споменатите подрачја живее само македонско малцинство.

Во барањето потпишано од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај и на огранокот за Голо Брдо, Или Халилај, уште се наведува дека: „македонското малцинство во Албанија смета оти ова претставува чекор назад во почитувањето на правата на Македонците во областите Преспа, Голо Брдо и Гора. Моментално, бугарското малцинство постои само во умовите на бугарските фукционери и квазинаучници во Софија. И тоа ќе биде така се додека и ним не им стане јасно дека искривувањето на историјата и вистината нема да ја сменат реалната состојба, а таа е дека Македонците во Албанија не се Бугари“.

Во барањето се изразува убеденост во праведната и законска проценка на претседателот Мета, како независна институција и гарант на Уставот на државата, со што би се избегнала натамошна мотивираност за искривување на вистината и непочитуваање на законските прописи во државата. Од друга страна, како претседател на сите граѓани на Албанија, претседателот Мета не смее да дозволи узурпирање на албанската држава од непостоечки жители и поради тоа не треба да го потпише указот за Законот за малцинствата. Напротив, како претседател на Албанија, треба да побара негово повторно разгледување од страна на Парламентот на Албанија и исправање на направената грешка и неправда кон лојалните Македонци, жители на Република Албанија.