МОСТ ќе го следи вториот круг од изборите со повеќе од 1000 набљудувачи

Граѓанската асоцијација МОСТ ќе го следи вториот круг од локалните избори со повеќе од 1000 набљудувачи. На гласачките места ќе бидат распоредени 910 набљудувачи кои ќе покријат околу 50% од гласачките места во рамките на секоја од оние општини во кои ќе се гласа во недела.

Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и 45 мобилни тимови, составени од двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат оние места на кои МОСТ нема да распореди статични набљудувачи.

Дополнително, работата на општинските изборни комисии ќе биде набљудувана од 35 набљудувачи, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.

Покрај утрешното гласање, МОСТ денес го набљудува и предвременото гласање на болните и немоќни лица, внатрешно раселените лица и лицата во затвор или притвор.

Жолтите маички со кратки ракави, на кои на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано “Мониторинг 2017“, новите овластувања од МОСТ за вториот круг и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи маица, овластување на МОСТ за вториот круг и акредитација од ДИК исклучиво за овие избори.

Во текот на денот, граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, може тоа да го сторат преку бесплатната телефонска линија 080 080 080 или преку интерактивната веб-платформа neregularnosti.most.org.mk.

Сите потврдени информации од набљудувањето на гласањето на денот на изборите, МОСТ ќе ги соопшти на четири прес-конференции, кои ќе се одржат во 9:30, 13:00, 17:00 и 20:00 часот.

Граѓанската асоцијација МОСТ апелира за одржување на фер, демократски и мирен изборен процес.

Бесплатна телефонска линија за

пријавување на нерегуларности

080 080 080

Проектот „Домашно набљудување на локалните избори 2017“ е поддржан од: Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија, Швајцарската агенција за развој и соработка, Националниот фонд за демократија и УСАИД преку Националниот демократски институт.

Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.