Премиера на „Човекот-делфин“ во Охрид

Приказната за „Човекот-делфин“ во режија на Лефтерис Чаритос ќе може да ја погледнат и охриѓани.

Ова е воодушевувачката приказна за легендарниот Жак Мајол, кој во 1976 година прв ќе ја достигне длабочината од 100 метри со слободно нуркање. Ретки архивски исечоци и неверојатни современи подводни снимки ни го доближуваат животот на човекот-делфин, кој е главната инспирација и за „Големото синило“ на Лик Бесон.

Кој би рекол дека оддалечувањето од површината, каде што сè ни е познато, значи доближување до себеси и до морето од каде што сме излегле? Кој би рекол дека спокој е можен кога кислородот ни е ограничен? Кој би рекол дека задржувањето на здивот може да ни ги наполни градите со слобода?

Во Охрид премиера на филмот ќе биде на 3ти ноември во Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 20:00 часот, а цената на билетот ќе биде 100 денари. Покрај во нашиот град, филмот ќе се прикажува и во Скопје и Струга.