Работна посета на претседателот Иванов на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денеска – 30 октомври 2017 година, престојува во работна посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

За време на престојот во Лондон, претседателот Иванов ќе оствари средба со спикерот на Долниот дом на британскиот Парламент, г. Џон Беркау и со спикерот на Горниот дом на британскиот Парламент, Лорд Фаулер.

Во рамки на работната посета претседателот Иванов ќе одржи предавање на Оксфордската унија и ќе оствари средба со претседателот на Универзитетот „Оксфорд”, Лорд Крис Патен.

Македонскиот претседател ќе има обраќање во Кралскиот институт за меѓународни односи „Чатам хаус” на тема: “Македонија, миграциите и безбедноста:научени лекции”.

За време на работната посета претседателот Иванов ќе оствари средби со претставници на македонската дијаспора во Велика Британија и ќе ја посети црковната општина „Свети Ѓоргија” во Брајтон.