Македонското културно наследство на меѓународен саем во Париз

Управата за заштита на културното наследство по трет пат го претставува домашното културно наследство на Меѓународниот саем за културно наследство, кој ќе се одржи од 2-ви до 5-ти ноември во престижниот амбиент на музејот Лувр во Париз. Темата на годинешното издание на еден од најзначајните саеми од ваков вид што се реализира по 23-ти пат ќе биде „Културното наследство и туризмот“.

На македонскиот штанд ќе бидат изложени публикации од познати археолошки локалитети, цркви и џамии во издание на Управата, а ќе има и кратка видеопрезентација за домашното културно богатство. Станува збор за научно-популарните публикации од проектот „Најзначајните вредности од областа на културното и природното наследство на Р. Македонија“, во чии рамки беа публикувани 30 публикации, меѓу кои и за Скупи, Скопско Кале, Стибера, Хераклеја Линкестис, Манастирот Трескавец, Св. Пантелејмон во Нерези, Манастир Зрзе, Шарената џамија во Тетово и други.

Покрај изложбениот дел, ораганизаторите најавуваат работилници и конференции, во чиj фокус ќе биде искористувањето на потенцијалот на културното наследство за културна промоција на земјите – излагачи.

На 23-от Меѓународниот саем за културно наследство што сите изминати години се одржува во Париз, на листата земји – учеснички се Германија, Белгија, Кина, Португалија, Италија, Грција, Швајцарија, Холандија и други земји.