Нова година, некогаш и денес

Нова година!? Во мое време, тоа беше голем ден што се чекаше со душа и срце, исто како некој голем верски празник. Кога ќе се речеше дека дојде декември, во нашето село веќе се правеа планови за Нова година. Тој месец, со душа го чекавме поштарот да дојде, да свирне со својата труба и да донесе честитки. А тој, пеш, од Пештани, па кај нас Велестово ќе дојдеше. Ние, сите собрани околу него, чекаме да ги прочита честитките од полната торба. И така, од ден на ден, во декември ја чекавме Новата година. Со другарите и другарките правевме план како и во која куќа ќе славиме. Собиравме пари за пијачка, а од дома носевме: ѓомлезе, слатки, месо. Тогаш имаше само една ТВ куќа, а ние за музика ќе си донесевме грамофон со плочи и цела ноќ весело, да „се растуриш“ од играње.

Точно во 12 часот, ќе ја прекинеа струјата од Дистрибуција, знак дека дошла Нова година. Радост за нас, кои едвај чекавме да ги бакнеме нашите симпатии.

Денес, за жал, Новата година се чека како и секој ден, дали со политиката, дали со сиромаштијата, нема ништо, нема возбуда, нема музика, нема честитки. Се се избриша!

Го има прашањето каде за Нова година, но одговорот е ист: дома, без ќеф, под „јорган планина“.

Сепак, среќна Нова 2013 година! Кажувајте им на своите деца и внучиња, како тогаш се славеше Нова година.

Разме Д. (читател на WebOhrid)

*Ставовите во категоријата Писма/Колумни се лични ставови на авторите, за кои редакцијата на WebOhrid не сноси никаква одговорност.