Стипендистите следеа тренинг на нашите најдобри ракометари

Стипендистите на Агенцијата за млади и спорт, ученици во Спортската академија, и директорот на Агенцијата Лазар Поповски денеска присуствуваа на утринскиот тренинг на најдобрата машка ракометна репрезенатција која се подготвува за настап на Светското првенство во Шпанија. Талентите со внимание ги следеа потезите на своите идоли кои се во фаза на тактичко усвршување на играта која од 12 јануари во Севиља треба да ни овозможи барем две победи кои ќе не однесат во осминафиналето од третиот мундијал за нас.

Присуството на младите надежи во СРЦ Кале во Скопје имаше карактер и на практична настава, а разговорите во текот на тренингот со четирикратниот македонски олимпиец Лазар Поповски кој со децата мина еден час во најнепосредна дискусија, ним ќе им биде добредојден во играчка изградба и во формирањето на спортски карактер. Големите ракометни ѕвезди во црвено жолто на дланка, на затворен тренинг, за стипендистите на АМС беше искуство кое треба да помогне во натамошна надградба.

Директорот на Агенцијата Поповски при посетата на нашиот ракометен камп од одговорните во РФМ доби најнови информации за текот на подготовките, за следните активности и за патувањето на селекцијата за Шпанија предвидено за 11 јануари. Веќе следниот ден во Севиља не очекува првиот натпревар од групата Б против Чиле.

ams2 ams3

извор: АМС