Владата ги зголеми ученичките стипендии

Стратешка определба на Владата на Република Македонија е подобрување и унапредување на образовниот процес во државата. Се преземаат повеќе реформи и капитални проекти и мерки кои се во насока на подобрување на ученичкиот стандард, но и поттикнување на младите што повеќе активно да се вклучат во образовниот процес.

На вчерашната седница, Владата на Република Македонија донесе одлука за зголемување на висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Македонија за учебната 2012/2013 година.

Имено, месечниот износ на ученичките стипендии се зголемува во просек за 25%, односно месечните износи за сите категории на ученички средношколски стипендии линеарно се зголемуваат за 500 денари, и тоа за сите 5 видови на стипендии кои активно ќе се доделуваат оваа година преку Министерството за образование и наука.

Стипендијата за талентирани ученици-спортисти, која ја добиваат 120 корисници и чиј месечен износ изнесуваше 2200 денари, сега се зголемува на 2700 денари.

Месечниот износ на стипендијата за талентирани ученици од средното образование која претходно изнесуваше 2200 денари, оваа година ќе изнесува 2700 денари. Дополнително, Владата реши да го зголеми бројот на корисници на оваа стипендија, и од претходните 50 сега ќе ја добиваат 100 корисници.

Месечниот износ на стипендија за ученици со посебни потреби, која ја добиваат 50 корисници и која досега изнесуваше 2000 денари сега се зголемува и ќе изнесува 2500.

Месечниот износ на стипендија за социјална поддршка на ученици која ја добиваат 400 корисници од 1500 се зголемува на 2000 денари.

И месечниот износ на стипендија за ученици – деца без родители која ја добиваат 60 корисници од 2000 се покачува на 2500 денари.

Финалната листа на добитници на ученичките стипендии ќе биде објавена во текот на следната недела. Сите месечни износи кои се однесуваат на стипендиите за 2012/2013 година ќе бидат линеарно зголемени за 500 денари по месец, или тоа е зголемување за околу 5000 денари на годишно ниво.

По укинувањето на партиципацијата за учење во средно училиште, и по обезбедувањето на бесплатен превоз за средношколците, Владата оваа година го зголеми и бројот на лицата кои добиваат стипендии за 10%, а ова најново зголемување на месечниот износ на стипендиите ќе биде од добра корист за учениците, за задоволување на нивните потреби и стимулација за напредок во образовниот процес.