Евровизија повторно со нови правила

Организаторите на Евровизија и оваа година се одлучија да воведат новитети кога се во прашање правилата кои го одредуваат начинот на гласање и редоследот на настапување на учесниците, па така овој пат го укинаа ждребот.

Задачата за одредување на изведувачи ќе ја преземат продуценти од Евровизија, кои самостојно ќе ги распоредат настапите на 39-те држави, кои ќе се натпреваруваат во мај во Шведска. Со тоа, ова шоу би го направиле поинтересно и би избегнале две или повеќе песни со ист ритам да настапат една по друга.

Организаторите добиле инспирација од Детскиот Евросонг кој се одржа во 2012 во Амстердам.

Одлучено е соседните земји Данска и Норвешка да настапат во различно полуфинале, како би се обезбедила фер распределба на карти за публиката и обожавателите.

Поради чести промени на правилата, Турција се одлучи да ја бојкотира оваа манифестација, со тоа што оваа година нема да испратат свој претставник на Евровизија. Истиот пример го следеше и Португалија, но не е исклучена можноста, следната година повторно и двете земји да учествуваат.

На 17 јануари ќе биде одлучено во која полуфинална вечер ќе се претстават земјите учеснички.

На 58-то издание на Евровизија, кое ќе се одржи на 14, 16 и 18 мај, Македонија ќе ја претставуваат Есма Реџепова и Влатко Лозаноски.