Татјана Лазаревска и групата Маестрал ќе настапат на Курајчкиот карневал

Годинава на 13-ти и 14-ти јануари, Куратица ќе биде домаќин на традиционалниот јубилеен 15-ти Курајчки карневал. Последните подготовки се во завршна фаза, со оглед на неодамна одржаниот состанок на Здружението Свети Василиј, на кој беа дефинирани конкретните активности околу годинешното 15-то издание на Курајчкиот карневал. Имено, покрај текот и активностите за беспрекорно организирање на карневалот, утврдени се настапите на Татјана Лазаревска и групата Маестрал на 14-ти јануари, кои ќе ги забавуваат гостите и посетителите на карневалот.

Официјалниот дел на карневалот ќе започне на 13-ти јануари, со посетата на традиционалните маски, зетот, невестата и ѓаволот (валегач), бајачот, пропратени со музика, низ сите куќи во селото, до раните утрински часови. Додека пак на 14-ти јануари од 18 часот ќе започне главниот дел од карневалот, на кој ќе продефилираат маскираните василичари. Традиционално, маските ќе бидат поделени во два дела, на детски и возрасни маски, а за најдобрите како и секоја година така и оваа се издвоени награди во одредена парична вредност. По прогласувањето на најдобрите маски ќе следува и огномет, а посетителите и гостите ќе може да се послужат со топла ракија и вино.

И оваа година како и изминатите, МЗ Куратица со Здружението Свети Василиј, се целосни организатори и покровители на овој традиционален настан, при што целосната финансиска поддршка е обезбедена главно преку донации, на почитувачи и љубители на една ваква оригинална традиција.