Изјава на Претседателот Вељаноски по повод распишувањето на локални избори

По повод распишувањето на локалните избори, претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, изјави:

„Дозволете да Ве известам дека согласно законската обврска која ја имам како претседател на Собранието на Република Македонија и согласно роковите утврдени во Изборниот законик, денес го потпишав Решението за распишување на избори на членови на советите на општините и советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје.

Законските одредби предвидуваат локалните избори да се одржат во втората половина на месец март, а законскиот рок – од 70 до 90 дена на располагање дава два термини.

Првиот е 24 март, вториот е 31 март 2013 година. Бидејќи 31 март е голем верски празник – Велигден за граѓаните од католичка вероисповед, одлучив локалните избори да се одржат на 24 март 2013 година.

Решението за распишување на изборите ќе биде доставено до Државната изборна комисија на Република Македонија, како орган за спроведување на изборите.

Ги повикувам сите учесници во изборниот процес, своето однесување и своите постапки да ги раководат и усогласат исклучиво со одредбите од Уставот и законите, на најдостоинствен начин кој ќе овозможи континуитет во добивање на најпозитивни оценки за спроведување на овој исклучително значаен процес.

Секој нов изборен процес треба да значи одржување и надградба на добиената позитивна оценка на претходниот. Да направиме максимални заложби Република Македонија да добие уште едни фер и демократски избори, заради остварување на стратешките евроатлантски определби на државата и заради доброто на граѓаните на Република Македонија.

Неопходно е сите заедно да испратиме силна порака дека на патот на сите предизвици, заедно и сплотено, имаме капацитет да се справиме со нив, да се соочиме и со најчувствителните прашања, да се издигнеме и над тешките моменти.“