Нова група од 10.000 пензионери на бањско-климатска рекреација

Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски најави дека нова група од 10.000 пензионери ќе ја користат услугата бањско-климатска рекреација како дел од Проектот „Бањско-климатска рекреација на корисници на пензија“ кој четврта година по ред го реализираат Владата и Министерството во рамки на програмските активности за обезбедување социјална заштита и социјална сигурност на старите лица.

Пензионерите ќе можат да ги доставуваат барањата до филијалите на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување до 14 февруари. Услугата може да се користи еднаш во период од 17 март до 30 ноември во траење од седум дена.

Министерот Ристовски посочи дека потребата од продолжување на проектот произлегува од интересот кој корисниците на пензија го искажале со користење на услугите во 2010, 2011 и 2012 година.

„Бројот на поднесени барања во претходните години покажува дека корисниците на пензија го поддржуваат овој проект и се задоволни од досегашниот развој и неговата имплементација. Услугата опфаќа шест полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно), бањска терапија, здравствен преглед, трошоци за превоз во висина од повратна автобуска карта од местото на живеење до установата, а пензионерите коишто користат паричен надомест за помош и нега од друго лице имаат право на придружник за време на бањско-климатската рекреација”, рече министерот за труд и социјална политика.

Тој потенцираше дека лицата-корисници на пензија кои во 2010, 2011 и 2012 година користеле бањско-климатска рекреација не може да ја користат оваа услуга и годинава и додаде дека за реализација на овој проект во 2013 година обезбедени се средства во Буџетот на Република Македонија и зависно од интересот што ќе биде покажан, постои можност од дополнително проширување на опфатот на пензионери.

Услугата бањско-климатска рекреација како и претходните години пензионерите ќе ја користат во Здравствената установа – природно лекувалиште „Негорски бањи“ АД Негорци, Гевгелија, Друштвото за бањски туризам и телесна рехабилитација „Дебарски бањи Цапа“, Друштвото за физикална медицина и специјализирана медицинска рехабилитација „Катлановска бања“ и Здравствената установа АД „Цар Самоил“, село Банско, Струмица.

„Министерството со овие установи веќе ги потпиша договорите со кои се регулираат правата и обврските на двете страни за користење на услугата. Владата и Министерството и натаму остануваат посветени на развојот и унапредувањето на активностите поврзани со прашања од секојдневниот живот на пензионерите, на унапредување на социјалниот живот, олеснување на пристапот на социјалните права и соработка преку невладиниот сектор”, додаде Ристовски.

Проектот „Бањско-климатска рекреација на корисници на пензија“, Владата на Република  Македонија и Министерството за труд и социјална политика го реализираат  четврта година по ред во рамки на програмските активности за обезбедување социјална заштита и социјална сигурност на старите лица.